Аргентинската банка планира Меси да го стави на банкнота од 1.000 пезоси

Аргентинската централна банка сериозно размислува да го стави новиот фудбалски Бог, Лионел Меси на банкнота од 1.000 пезоси (нешто повеќе од 5 евра), објави весникот „Ел Финансиеро“.

Меси пред три дена со Аргентина дојде до светската титула, прва за „гаучосите“ по 36 години, а единствениот трофеј кој му недостигаше во кариерата за да го прогласат сите светски медиуми и најголем дел од јавноста за – најдобар на сите времиња. Затоа и централната банка сега сака на некој начин да му се оддолжи за сè што направи за Аргентина и комплетната еуфорија што ја предизвика.

Меси беше прогласен за најдобар фудбалер на штотуку завршеното СП во Катар, а тоа е негова втора награда, единствен кој успеалдвапати да биде прогласен за најдобар на Мундијал, а ова беше негов петти во кариерата, со најава дека може да стане и прв со шест ако игра за четири години во САД, Канада и Мексико, кои се домаќини во 2026 година.

Повеќе од четири милиони луѓе, а според некои проценки и пет милиони вчера излегоа на улиците во Буенос Аирес за да му се поклонат на Меси и на хероите што ја донесоа светската круна.