Аргентина и Франција во аут од фудбалскиот турнир

После елиминацијата на Германија, два светски фудбалски великани Аргентина и Франција исто така се во аут од фудбалскиот турнир после денешното последно трето коло во групната фаза, по што познати се четирите четвртфинални пресметки во битката за медалите на ЛОИ во Токио.

Франција доживеа тотален дебакл од Јапонија со убедливиот пораз со 0-4, додека Мексико со триумфот со 3-0 го обезбеди второто место од групата за пласман во четвртфиналето. Дека Франција ќе извиси за пласман, најава им беше дебаклот од Мексиканците со 1-4, па денеска по само едно полувреме, примија два гола и практично сѐ беше јасно кога за седум минути Кубо и Сакаи на средина од првиот дел погодија во мрежата на „триколорите“.

Мијоши во 70-та даде и трет гол, па Франција остана и со десетмина, за на крај Маеда во 91-та минута да погоди четвртипат за убедлив триумф и трета победа на домаќинот Јапонија во групите.

Аргентина не загуби од најголемиот фаворит Шпанија, успеа да одигра 1-1, но скапо ги чинеше триумфот на Египет против Австралија со 2-0 по кој „фараоните“ и покрај полошиот меѓусебен дуел, отидоа во четвртфинале со подобра гол-разлика. „Гаучосите“ испаднаа најмногу поради поразот на стартот од „кенгурите“ со 0-2, па двојниот олимписки првак од 2004 и 2008 година, нема да има шанса да се бори за медал на овие Игри во Токио.

Белмонте во 87-та минута даде гол за да ги остави живи надежите за пласман, откако Шпанија поведе во 66-та преку Мерино, но Аргентина не успеа да се избори за триумф и сега се пакува да се врати дома.

Во четвртфиналето во недела ќе играат Шпанија – Брег на Слонова Коска, Јапонија – Нов Зеланд, Бразил – Египет и Јужна Кореја – Мексико.