„Златните момчиња“ на Боби Милевски го преродија А-тимот за само две години!

Откако заиграа во А-селекцијата после историскиот настап на младинското Евро 2017 во Полска, „златните момчиња“ на Благоја Милевски ја донесоа свежината, агресивноста и големиот потенцијал кој сега ја враќа Македонија на фудбалската мапа и ја става во ситуација идното лето да игра на Евро 2020. 

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Македонија завчера со победата против Израел со 1-0 и помошта од Полска стигна до својот најдобар пласман во едни квалификации во историјата. Никогаш во изминатите 12 циклуси, почнувајќи од првиот официјален квалификациски меч со Данска пред 25 години (во 1994 година) не успеа да мрдне од „вечното“ четврто место, неколкупати бевме и петти, а двапати и последни.

Трагично делуваа квалификациските циклуси додека генерацијата на Енис Барди, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Бобан Николов и останатите не влегоа во националниот тим. Со нив и тимот кој дотурка и до 160-то место на ФИФА-листата доби на свежина, на квалитет, па резултатски од септември 2017 година до ноември 2019 – билансот е позитивен.

Во 20 официјални мечеви (квалификациски и тие во Лига на нации), Македонија има 11 победи, четири ремија и пет порази со позитивна гол-разлика 34-21. Доволна најава дека оваа свежа крв во селекцијата, овие млади момци, треба уште цела една деценија да бидат главните фигури во националниот тим. 

Откако играа на Евро 2017 во Полска од младата селекција на Македонија во сениорската експресна прекоманда добија Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу, Ѓоко Зајков, Дарко Велковски, Енис Барди, Бобан Николов, Елиф Елмас, Марјан Радески, Дамјан Шишковски, Дејан Илиев (не беше на ЕП во Полска поради повреда од стартот на квалификациите), како и Игор Алексовски, кој беше повикуван за Лига на нации (неодамна се врати во тимот после тешка повреда на лигаментите).

Во текот на овој квалификациски циклус повикани беа и Кире Маркоски, се врати и Никола Ѓорѓев, дебитираа официјално и Даниел Аврамовски и Тихомир Костадинов. Вкупно 15-мина од избраниците на Милевски. Од нив, кога сите би биле здрави, половина тим најмалку е од младата селекција (Бејтулаи, Муслиу, Велковски во одбрана, Барди и Елмас во среден ред, плус Бобан Николов кој може да одговори на секоја позиција). Од тој тим во Полска ги нема само Мевљан Мурати, Бесир Демири, кој избега да игра за Албанија, Виктор Ангелов, Давид Бабунски, чија форма падна во последниот период (беше претходно повикуван за А-тимот во ерата на Чеде Јаневски), Јован Попзлатанов, Алекса Амановиќ, Петар Петковски и Филип Пивковски.

И оваа млада гарда надополнета со поискусните, пред сѐ Горан Пандев, Егзијан Алиоски, Стефан Ристовски, повратникот после суспензијата Аријан Адеми (се врати во октомври 2017), Илија Несторовски, Александар Трајковски, Иван Тричковски... Македонија има потенцијал за многу поголеми нешта и од обично трето место во едни квалификации.

Пред да влезе оваа млада гарда во сениорскиот тим, Македонија имаше два циклуси со последно место – за Мундијалот во Бразил 2014 со седум бода во групата со Белгија, Хрватска, Србија, Шкотска и Велс, а потоа и за Евро 2016 со освоени едвај четири бода, срам со Луксембург, во група со Шпанија, Словачка, Украина, Белорусија и „аутсајдерот“ Луксембург.

Ништо премногу добри не беа ни стартот на мундијалските квалификации за Русија 2014 во кои тргнавме со четири порази, од Албанија (1-2), Израел (1-2), Италија (2-3), Шпанија (0-4), а беше победен само Лихтенштајн со 3-0 на гости. После поразот од Шпанците во Скопје со 1-2, Македонија тргна во серија на бодови, освојувајќи осум од 11-те и жал за пропуштените шанси со Албанија во Струмица, од кои црвено-жолтите можеа да бидат трети. Во овој двегодишен период, младинците постигнаа скоро една третина од головите – 10 (по четири Елмас и Барди, а по еднаш Муслиу и Николов).

Ако Лигата на нации беше „лесен залак“, со пет победи во шест меча (пораз само од Ерменија со 0-4) во група во која Гибралтар и Лихтенштајн не се ни наше ниво, во овој квалификациски циклус Македонија стигна до 14 бода за да исчекори од просечноста со четири триумфи, две ремија и четири порази. Само двапати досега во еден циклус сме имале четири победи, за Евро 2008 во група со седум селекции и за СП 1998 во група со шест екипи.

Пласманот на третото место е само добра мотивација за оваа генерација. Не значи ништо, освен сува статистика, дека Македонија репрезентативно мрднала од мртвата точка. Но, ова е прв цел циклус во кој златната младинска селекција игра заедно во едни квалификации, па со годините, ќе дојде и зрелоста.

Прв испит дали сме капацитет за да бидеме дел од кремот е мартовскиот бараж и шансата што ја овозможи УЕФА, која веројатно преку најслабиот сегмент на „фудбалски пациенти“ повеќе нема да ја има никој.

Колку за статистика после заокружувањето на 13-от наш квалификациски циклус во историјата, досега шест пати сме биле четврти, пет пати на петтото место (двапати во група со седум селекции) и двапати последни. Од тие 12 циклуси, освен двете последни места во ерата на бившиот претседател Илчо Ѓорѓиоски, пет пати сме биле претпоследни, а таму завршивме и во последниот мундијалски квалификациски циклус.