„Tалентот им е во генот на Македонците, доволен доказ е и Кулушевски иако игра за Шведска“

Пласманот на Македонија на Европското првенство догодина и понатаму останува „приказна број еден“ во европските медиуми, посебно во Италија, најмногу и поради капитенот Горан Пандев, кој остава силен белег на Чизмата, па неговиот менаџер Леонардо Корси, со многу пофалби зборуваше за италијанските медиуми за македонскиот фудбал.

Корси и Пандев соработуваат од 2003 година, а менаџерот на македонскиот репрезентативец посочува дека Македонија е преполна со таленти и дека талентот е во генот на сите на Балканот, а доказ за тоа е и суперталентираниот Дејан Кулушевски, иако тој избра да игра за Шведска.

„Видете, талентот го има многу во Македонија. Тој талент е во ДНК на сите словенски земји. Можеби им недостигаше повеќе организација или правилен пристап, професионална исхрана..., но јас тоа што можам да го видам од лични искуства и посети на Македонија има многу таленти. Видете, сега во репрезентацијата се еден Барди, кој игра во Леванте, тука се Несторовски, Трајковски, Стефан Ристовски, сите играле или играат во Италија. Многу големи таленти излегуваат оттаму, па само погледнете од каде е Кулушевски од Јувентус. Тој е Македонец, без оглед што игра за Шветска. Мислам дека им недостига малку правилен начин на живот и добра работа, кои секој спортист ги има, но внимавајте, ние зборуваме за млада земја која е преполна со многу тешки ситуации и фудбалот може да стане голема шанса за да напредувате во животот“, вели Корси.