Статистиката потврдува: Само еден е мајстор за слободни во Европа – Енис Барди (ФОТО)

Во фудбалскиот свет има стотина фудбалски велемајстори, од најдобрите Лионел Меси и Кристијано Роналдо, најскапиот Нејмар, па се до врвни имиња вредни во просек над 50 милиони евра и ниту еден досега во најсилните лиги во Европа не е таков велемајстор за слободни удари како – Енис Барди.

Македонскиот репрезентативец е вистински хит, откако за два месеци веќе постигна пет гола од слободен удар, а вчерашниот против Реал Сосиедад е негов втор директен гол од прекин во Ла Лига и тоа го прави најдобар во оваа категорија. Ниту еден друг фудбалер од најсилните пет лиги нема дадено два гола од слободен удар, а веќе се комплетираше петтото коло во лигите на „великаните“.

Еден тон комплименти, пофалби и воодушевувања има за Барди во изминативе 15 часа откако го постигна својот трет гол во најсилната лига во неговата деби сезона, откако од Ујпешт дојде за 1,5 милиони евра во Леванте.

По мајсториите на Барди за овие два месеци, почнувајќи од трите предсезонски голови за Леванте, до овие два во Ла Лига, веќе Шпанците почнаа да го споредуваат со низа бившојугословенски фудбалери кои оставиле силен печат со изведување на слободните удари од Милинко Пантиќ до Синиша Михајловиќ.