Станиќ ги избра надежите со кои ќе атакува на елитна фаза во квалификациите во Скопје!

Младата македонска фудбалска репрезентација до 19 години во среда ќе го започне квалификацискиот турнир за пласман во елитната фаза во квалификациите, кој ќе се игра на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот, па селекторот Горан Станиќ го објави списокот на избраници со кои ќе се нападне најмалку второто место во групата.

Македонија е во група со БиХ, фаворитот Англија и со Луксембург, а турнирот ќе се одигра од 13 до 19 ноември. Станиќ од претходно повиканите фудбалери со кои ја подготвуваше оваа генерација, ќе го нема вардаровиот напаѓач Џемал Ибиши, кој се повреди пред повеќе од месец ипол токму на мечеви за националниот тим, кога заработи скршеница на стапалото и моментно е во фаза на рехабилитација.

„Со нетрпение го очекуваме почетокот на квалификацискиот турнир за пласман во елитна фаза квалификации за ЕП. Расположението кај нас е позитивно, иако имавме проблеми околу составот со повредени фудбалери. Верувам во овој тим и очекувам да го дадат максимумот на сите три натпревари. Групата во која се наоѓаме е исклучително тешка, а потврда за тоа е фактот што Англија и БиХ со оваа генерација беа учесници на Европското првенство до 17 години. Но, без оглед на противниците, наша цел ќе биде да се прикажеме во најдобро издание и да ја чекаме нашата шанса за остварување на позитивен резултат“, вели Станиќ.

Македонија првиот меч ќе го одигра в среда на тренинг-центарот против БиХ од 13 часот, следен меч е на 16 ноември со Англија, а последен на 19 ноември со Луксембург, исто така во терминот од 13 часот. Првите две селекции од групата ќе обезбедат пласман во елитната фаза, како и најдобрата трета селекција од сите групи, која ќе има најдобар скор со првите две селекции од групата.

СОСТАВ НА МАКЕДОНИЈА ДО 19 ГОДИНИ

ГОЛМАНИ: Матеј Андов (Вардар), Кристијан Китановски (Вардар), Стефан Митрев (Арау, Швајцарија);
OДБРАНА: Георгие Јанкулов (Железничар, Србија), Божидар Митревски (Силекс), Александар Ѓурковски (Вардар), Бојан Димовски (Вардар), Ване Тасевски (АСД Нибиано, Италија), Анѓело Николовски (Кит Го);
СРЕДЕН РЕД: Агон Елези (Скендербег, Албанија), Јетон Даути (Ст. Гален, Швајцарија), Арби Воша (Македонија Ѓ.П), Иван Николов (Академија Пандев), Влада Новевски (Војводина, Србија);
НАПАД: Методи Максимов (Работнички), Давид Тошевски (Работнички), Едис Спахиу (Шкендија), Сухељ Мухарем (Шкупи), Ерсан Хајдари (Арау, Швајцарија), Абдулвахит Мурати (Шкупи);