Спировски: Против Германија потврдивме дека имаме огромен потенцијал, целта е – СП 2022!

Круна на петгодишната работа беше пласманот на ЕП, а триумфот со Германија е потврда на огромниот потенцијал и целта е пласман на Светското првенство во Катар догодина, вели македонскиот репрезентативец Стефан Спировски, актуелниот фудбалер на кипарска АЕК Ларнака, после епската и историска победа во Дуисбург во средата со 2-1 во мундијалските квалификации.

Македонија направи сензација против најтрофејната европска велесила, нанесувајќи ѝ го првиот пораз после 20 години на Германија во мундијалски квалификациски меч, а станавме само трета селекција во безмалку 90-годишната историја која успеала да ја победи Германија во меч за пласман на СП, после Португалија во циклусот за СП 1986 и Англија во циклусот за СП 2002 година.

„Неверојатен меч, блескава победа која никого во Европа не остави рамнодушен. Круна на нашата петгодишна работа беше победата во Тбилиси и пласманот на Евро 2021, кое ќе биде прво наше учество на големо натпреварување, а оваа победа со Германија е само потврда дека сме на вистинскиот пат и дека нашиот потенцијал е огромен“, вели Спировски.

Битолчанецот, кој беше дел од Вардар и во историскиот клупски успех за Македонија во 2017 година, кога со црвено-црните обезбеди пласман во групите во Лига Европа, посочува дека оваа Македонија сѐ уште не го кажала последниот збор, а дека целта на генерацијата е настап и на претстојниот Мундијал.

„Оваа селекција постепено се развива, се склопуваат коцките, тактички сме перфектни. Целта е Мундијалот во Катар. Имаме искуство, квалитет, потенцијал. Да не беше тој несреќен пораз во Романија сега ќе бевме во уште подобра позиција. Далеку е дека сме го кажале последниот збор. Очигледно со победите во слабите групи во Лигата на нации ние ја стекнавме таа самодоверба која ни недостигаше. Во репрезентацијата имаме семеен однос, дишеме како еден и верувајте ова што се случува не е случајно, сѐ заслуживме и Господ нѐ награди“, додава Спировски.

Спировски има 37 настапи за Македонија носејќи го дресот веќе цела една деценија, а е поранешен фудбалер на Пелистер и Работнички, Борац Чачак (Србија), Берое (Бугарија), Ференцварош (Унгарија), Хапоел Тел Авив (Израел)