Шансите на Македонија за Еуро 2024 ни се шест отсто, ама се поголеми од тие на – Бугарија!
Немаше Македонија среќа ни на оваа ждрепка, како ни на ланската за мундијалските баражи откако ги доби Италија и Португалија со две гостувања за да бара виза за Мундијалот во Катар, па и сега сценариото исто со две европски велесили во битка за првите две позиции кои водат директно на Еуро 2024.
И компјутерот веќе ги пресмета шансите, шест месеци пред стартот на евроквалификацискиот циклус во кој, црвено-жолтите немаат ни шест отсто шанса за пласман во таква пеколна група, за разлика од великаните чии шански се предвидуваат над 86 отсто и сите веќе ги гледаат како сигурни учесници на Еуро 2024.
Италија и Англија се финалистите од последното Еуро 2020 на кое Македонија дебитираше, а во Букурешт игравме со Украина и загубивме со 1-2, па земјата која моментно е опустошена од руската агресија има само 20 отсто шанси да излезе пред една од селекциите фаворити во нашата група.
И интересно, помалку и нелогично, Македонија и со ваква ждрепка и ваква „група на смртта“ има за нијанса поголема шанса, од соседна Бугарија, која доби во споредба со нас далеку полесна група во која може да се надеваат, но компјутерот и аналитичарите не веруваат во источниот сосед, па тие немаат ни четири отсто шанса за ЕП.
Изненадувачки Грција која се падна во втората „група на смртта“ со Холандија и Франција има дури 42 отсто шанса за пласман.