„Посебна возбуда е кога ќе ја чуеш химната на Еуро, ама не знам дали ќе се премислам за пензија“

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев го даде дебитантскиот гол за Македонија на Европските првенства, откако во неделата погоди против Австрија во поразот со 1-3, па стана вториот најстар фудбалер кој дал гол во историјата на континенталниот шампионат.

Пандев за „Скај Спорт“ посочи дека и понатаму не знае што после Европско, откако сто пати посочи дека е многу близу до пензија, иако цела Македонија сака да го види уште една година во националниот дрес, како и во Џенова. После голот, дебито на Европско, прашање е дали може да му се смени мислењето, ама...

„Не знам дали ќе го сменам мислењето (за пензија – н.з.). Останувам фокусиран на турнирот, моите размислувања се дека одам во пензија, но ќе бидиме што понатаму. Среќен сум што дадов гол, иако резултатот не беше најдобар за нас, но за нас како Македонија беше најважно да бидеме дел од Еуро 2020, ова е многу големо искуство за сите нас, посебно емотивно за мене, за соиграчите, за цела нација. Да ја слушнеш химната на Европско, тоа е неверојатна возбуда“, вели Пандев.

Тој додава дека самиот настап е историски за Македонија, а против Украина е шанса да се допише историјата за македонскиот фудбал.

„Напишавме историја, првпат сме на големо натпреварување, па сакаме да оставиме силен впечаток. Имаме млад тим, кој нема такво големо искуство за вакви натпревари. Дадовме Максимум против Австрија, која се покажа дека е посилна и заслужено победи. Се надевам дека ќе бидеме подобри веќе со Украина“, додава Пандев.

Украинците се наш следен ривал веќе утре од 15 часот, а Пандев им ја префрли фаворитската улога на противниците.

„Украина ме импресионира, неколгу денови ги анализиравме и знам дека се многу силен тим. Имаат извонредни индивидуалци, Шевченко работи извонредна работа, одлично се поставени на теренот. Ние нема што да загубиме, па подготвени сме да се соочиме со нив. Тие се фаворити, а силата ја покажаа и со Холандија“, додава Пандев.