Пандев: Македонскиот фудбал да го водат луѓе со страст, а не алчни за пари!

Долгото играње во неколку од најдобрите екипи во Италија, го прават нашиот Горан Пандев за идеален соговорник за медиумите од оваа земја во периодот кога фудбалот е ставен во мирување поради светската пандемија со коронавирусот, која ептен жестоко ја погоди оваа земја.

Капитенот на македонската репрезентација во мега-интервју за Калчомеркато, говори за своите почетоци, за досегашната кариера, како и за македонскиот фудбал и фактот што нашиот национален тим е на само два меча до историскиот прв пласман на едно ЕП.

„Македонскиот репрезентативен фудбал напредна многу во последните години, со многу играчи кои играат во најсилните европски лиги. Настапот во првенствата на Италија, Шпанија, Португалија, Белгија, Холандија им помогна да станат многу подобри и поискусни, но и посвесни за својот квалитет. Тука се и момците кои играат на ЕП за фудбалери до 21 година, кои го носат дополнителниот шмек. Мислам дека имаме состав кој би можел да го исполни сонот на сите наши сограѓани, а тоа е да се пласираме на еден континентален собир“, вели меѓу другото Пандев.

Ветеранот воедно се осврнува и околу тоа какви луѓе треба да го предводат македонскиот фудбал, за трендот на напредок да продолжи и во иднина.

„Има многу работи за подобрување во македонскиот фудбал, пред сѐ во структурата, ако сакаме лигата да биде подобра, а децата да може да напредуваат. За ова да се случи ни требаат компетентни луѓе, водени од страст, кои ќе се обидат да работат на зголемување на промените кон подобро, но не за пари или интерес туку од љубов кон македонскиот фудбал“, дополнува фудбалерот на Џенова.

Пандев се очекува да биде предводник на селекцијата на Македонија во полуфиналето од плејофот во Лигата на нации против Косово, кој засега би требало да се одигра во септември. Ова е претпоследна пречка на „рисовите“ на патот кон ЕП, по што би требало да се мине и големото финале.