Поразот од Австрија веќе е минато, сите сили се насочени кон утрешниот меч со Украина, па веќе се сложени коцките за тоа како да се изненади фаворизираниот противник и со тоа да се остане во игра за осминафиналето на Европското првенство.

Македонските фудбалери го одработеа последниот тренинг, самото учество на Еуро 2020 е успех, па не се забележува некаква тага на лицата после поразот од Австрија. Напротив, максимално расположени, ведри, насмеани го дочекуваат утрешниот меч од 15 часот на Националната Арена во Букурешт, но максимално сериозно ги одработеа последните финеси за пресметката која е да се биде или не за двете селекции. Поразениот секако ќе се спакува да се врати дома уште пред последното трето коло.

Пандев и другарите ги грабнаа топките на денешниот последен тренинг пред мечот, па утре ќе мора да најдат начин како да сместат неколку во мрежата на противникот и да донесат историска победа.