Пачовски го напушти Боби Милевски - си замина од стручниот штаб на А-тимот!
Тој лани во март стана дел од стручниот тим во националниот состав, каде што се грижеше за формата на чуварите на мрежата, а денеска и официјално се збогува со оваа функција.
„Секое патување некогаш мора и да заврши. Работата со репрезентацијата за мене беше нешто специјално. Дресот на Македонија за мене беше детски сон, а отсега ќе бидам најголем навивач на избраниот тим“, напиша Пачовски, кој 46 пати го носеше дресот на жолто-црвената селекција.
Заминувањето на поранешниот голман на Пелистер, Работнички, Вардар, Бершот и Мехелен може да се сфати и како потврда на најавите дека Милевски наскоро ќе биде сменет од селекторската функција, за чие пополнување, барем според српските медиуми, најсериозен кандидат е Црногорецот Миодраг Божовиќ. Пачовски кариерата ќе ја продолжи како тренер на голманите на белгискиот прволигаш Бершот, каде што работи од почетокот на минатата сезона.