Остана уште еден активен фудбалер од златната генерација на Италија од 2006 година

Италијанскиот фудбалер, Даниеле Де Роси, пред неколку дена реши да стави крај на својата авантура во Бока Јуниорс, а веднаш потоа најави и крај на кариерата.

Искусниот играч од средниот ред мина шест месеци во Аргентина и го исполни својот сон да заигра во редовите на Бока Јуниорс. Но, и покрај тоа што имаше договор уште една година, двете страни одлучиле предвреме да ја завршат соработката, по што следуваше и крајот на неговата кариера.

Де Роси ја помина скоро целата своја кариера во дресот на Рома, а одигра прилично значајна улога во репрезентацијата на Италија. Тој беше член на генерацијата која успеа да го освои Светското првенство во Германија во 2006 година.

Откако Де Роси се пенсионираше, остана само еден фудбалер од таа генерација кој сè уште е активен. Секако, тоа е легендарниот Џиџи Буфон кој брани за екипата на Јувентус.

Буфон е сè уште активен од златната генерација од 2006 година, но се очекува и тој наскоро да замине во пензија. Покрај Буфон и Де Роси, во легендарната генерација „Азурите“ беа: Марко Амелија, Анџело Перуци, Андреа Барзаљи, Фабио Канаваро, Фабио Гросо, Марко Матараци, Алесандро Неста, Масимо Одо, Кристијан Закардо, Џанлука Замброта, Симоне Бароне, Мауро Каморанези, Џенаро Гатузо, Симоне Перота, Андреа Пирло, Алесандро Дел Пјеро, Алберто Џилардињо, Винченцо Јакинта, Филипо Инзаги, Лука Тони и Франческо Тоти.