Омерагиќ не го менува Милевски, но ќе проба да ги врати Ристовски и Адеми!

Новиот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ најави дека нема да има смена на селекторската функција, тоа може да се случи само ако резултатите во иднина не бидат добри.

Неизвесно беше дали смената на раководството на ФФМ ќе донесе смена и на селекторската позиција во националниот тим. Омерагиќ во разговор со новинарите рече дека не размислува за промена.

„За волја на вистината, не се размислува за такво нешто. Ние бевме први во групата, немам намера да влечам нефудбалски потези. И покрај кризата во играта, ние бевме први во групата. Во март започнуваме со квалификациите, не планирам никакви промени, се ќе зависи од резултатите и игрите понатаму“, изјави Омерагиќ.

И покрај тоа што Ристовски изјави дека нема да игра за репрезентацијата на Омерагиќ вети дека ќе се обиде да го врати и него и Адеми.

„Не мислам само за враќање на Ристовски и Адеми, туку на сите кои поради нешто не играат за репрезентацијата. Македонија е мала земја, ние мора да ги искористиме сите играчи. Тие двајца се прекрасни луѓе и фудбалери кои играат во Лигата на шампионите. Мора да се разговара со нив, а со разговор за се ќе се најде решение. Интересот на Македонија и на селекцијата е на првото место, а потоа е се останато“.