Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) вчера ги претстави новите дресови, со кои нашата репрезентација ќе се натпреварува во претстојниот квалификациски циклус за ЕП 2024, а денеска објави малку подетални фотографии, на кои се гледа новиот дизајн.

Црвената, белата и црната варијанта сите го имаат жолтото сонце на предниот дел од дресот, а позадината е нешто поедноставна.

„Препознатливото сонце истакнато на градите на фудбалерите на модерен начин ја отсликува енергијата и гордоста на Македонија. Дизајниран од нашата Рахила Илиев и Мартин Филиповски, новиот дизајн останува верен на македонското фудбалско наследство“, велат од ФФМ, потенцирајќи дека имаме и нова, трета варијанта во „темна“ боја.

Првата официјална употреба на новите дресови ќе биде утревечер од 20.45, против Малта на арената „Тодор Проески“.