„Ни недостига Пандев, ама млад тим сме и со срце ќе играме против Италија!“

Македонскиот репрезентативец и втор стрелец на црвено-жолтите во историјата, Александар Трајковски им порача на Италијанците дека со посебна возбуда тој и сите во националниот дрес го чекаат мартовскиот бараж на кој не се предаваат и ќе одиграат со срце за да го продолжат сонот за пласман на Светското првенство во Катар.

Македонија првпат ќе игра во бараж за еден Мундијал, а на 24 март гостува во Палермо во полуфиналето од плејофот, местото каде Трајковски мина четири прекрасни години, што дополнително создава возбуда кај актуелниот фудбалер на дански Алборг во пресрет на мечот.

„Овој дуел со Италија е посебно возбудлив не само за мене, туку за цела репрезентација, за цела Македонија. Имаме шанса да одиме на Светско. Уште кога ја добивме Италија за противник на ждрепката, прво што помислив е дека нѐ чека посебен меч, па уште кога беше избран Палермо за домаќин на мечот – нешто прекрасно. Ќе се вратам таму каде што најубаво се чувствував и знам дека нѐ чека добар меч, возбудлив“, вели Трајковски.

Тој посочува дека Македонија има квалитет и никогаш не се предава, макар пред себе го има европскиот првак за противник.

„Добро ќе се подготвиме за тој меч, има време и кога ќе дојде ќе мислиме комплетно на него, ама ние сме млад тим. Пандев замина во пензија, ни недостига... Но, ќе се бориме и ќе играме со срце. Оваа Македонија никогаш не се предава, а има квалитет“, додаде Трајковски.