Нема да ја сефтосаме Арената во Букурешт пред ЕП: Романија ќе нѐ пречека во Плоешти!

Македонската фудбалска репрезентација нема да ја сефтоса Националната Арена во Букурешт пред стартот на Европското првенство летово, зашто Романија го одбра Плоешти за домаќин на својот прв меч во мундијалските квалификации кои стартуваат во март, а црвено-жолтите треба да гостуваат во првото коло кај Романците.

Фудбалската федерација на Романија денеска објави дека пресметката со Македонија на стартот на квалификациите закажан за 25 март годинава од 20.45 часот ќе се игра на стадионот „Илие Оана“ во Плоешти, а Романците својот меч против фаворитот во групата Германија ќе го одигра на Националниот стадион во Букурешт на 28 март во третото коло од мундијалскиот циклус. Како што објави романскиот сојуз, на мечевите, со Македонија и со Германија, нема да има публика поради сѐ уште лошата епидемиолошка слика со коронавирусот.

Стадионот во Плоешти, кој е дом на тамошниот клуб Петролул е отворен пред една деценија на 25 септември 2011 година и чинеше 17,5 милиони евра за изградбата.

Македонија според распоредот за ЕП треба да игра два меча во романската престолнина на Евро 2021, дебито е на 13 јуни против Австрија, а четири дена подоцна со Украина на истиот стадион, додека последниот меч во групата ќе го одигра на 21 јни во Амстердам со Холандија.

Новиот стадион на Стеауа, пак, ќе биде наша тренинг база во романската престолнина, откако Романците објавија дека е потпишан договорот, а овој стадион во функција треба да биде пуштен во април, после изградбата која чинеше 95 милиони евра.

Македонија во првите три кола од мундијалските квалификации во март, после гостувањето кај Романија, ја чека домашен меч со аутсајдерот Лихтенштајн, па гостување кај Германија во Дуизбург.