Некогашниот бисер на Работнички кариерата ќе ја продолжи во Србија!

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Лука Станковски, следниот период ќе го мине во соседна Србија и тоа како член на суперлигашот Раднички 1923 од Крагуевац.

Станковски доаѓа на позајмица од турски Газијантеп, каде што не доби вистинска шанса. Последните шест месеци од ланската сезона ги мина во второлигашот Тузласпор, а откако стана јасно дека повторно нема да има посериозна минутажа реши да ја прифати понудата на српскиот тим.

„По продажбата на Милан Алексиќ во Сандерленд остана испразнето место во тимот на позицијата централен играч за врска. Тоа место ќе се обиде да го пополни македонскиот репрезентативец Лука Станковски (22 години), кој пристигнува на едногодишна позајмица од турски Газијантеп, со право за целосен откуп на крајот од сезоната“, објави денеска Раднички.

Станковски се афирмира во скопски Работнички, каде што врз себе го сврте вниманието на екипи како Монца, Динамо Загреб и Фенербахче, за на крајот да заврши во Газијантеп, каде што имаше несреќа клубот набрзо да излезе од турската елита поради катастрофалниот земјотрес на почетокот од минатата година.