Најталентираниот германски тренер: Среќен сум за Пандев!

Најталентираниот германски тренер Јулијан Нагелсман, актуелниот кормилар на Ред Бул Лајпциг е последен во низата кој му се поклони на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, посочувајќи дека е среќен и воодушевен од него, после триумфот на Македонија против големата Германија со 2-1.

Во ек додека цела Германија, а и најголем дел од стручњаците бараат смена на Јоаким Лев од кормилото на „елфот“ после срамниот пораз од малата Македонија, Нагелсман е еден од ретките кој застана во моментов зад актуелниот селектор, а и не го оцени поразот од Македонија како – срам!

„Јас не ги сакам, не ги прифаќам, а и не верувам во некои изрази како срам, срамен банкрот, катастрофа... Во моментов имаме други грижи, а морам да кажам дека сум радосен за Македонците, посебно среќен и воодушевен за Горан Пандев. Ние Германците ќе одиграме добро Европско првенство. Мислам дека сите треба да бидеме опуштени“, рече Нагелсман.

Лајпциг го чека дерби за титула со Баерн Минхен, а посочува дека Ралф Рангник би требало да биде нов селектор на Германија, во лицитацијата за кормилото на националниот тим кое трае веќе подолго време откако Лев најави заминување после 15 години од кормилото по континенталниот шампионат.

Инаму младиот тренер важи за еден од најталентираните на светот, кој веќе еднаш го одби Реал Мадрид, а во последно време се најавува како опција да седне на клупата на најтрофејниот клуб Баерн Минхен, како наследник на Ханси Флик, кого германската федерација го бара за иден селектор.