Најдобриот хрватски тренер во футсал ја засили Македонија во стручниот штаб
ФФМ објави денеска дека Станковиќ ја прифатил поканата на актуелниот селектор Васко Скендеровски за да биде дел од стручниот штаб во квалификациите во кои покрај БиХ за противници ги имаме и селекциите на Романија и Србија.
Станковиќ е добро познато име во футсалот, со Хрватска играше на три Европски првенства, а во 2012 година стигнаа до полуфинале на ЕП, а беше и селектор на Либија со која играше на Светското футсал првенство во Бразил, а Либијците ги направи африкански шампиони. Клупски беше предводник на Сплит, со кој има седум титули и осум купови во Хрватска, а беше трет со овој тим во Лигата на шампионите.
„Најпрвин сакам да кажам дека навистина ми е драго за нашата соработка. Во блиското минато имавме многу заеднички натпревари, станавме вистински пријатели со луѓето од македонската репрезентација, работевме на анализи и подготовки за важни натпревари и овој нов предизвик е еден вид начин да ја искажам почитта нѐ само кон селекторот Васко Скендеровски, туку и кон Фудбалската федерација на Македонија.
Целта е да помогнам да се направи вистинскиот чекор во ситуација кога футсалот во Македонија е на пресвртница. Најдобрите моменти македонскиот репрезентативен футсал ги имаше пред три или четири години, а сега ќе се обидеме да се вратиме на тој посакуван правец. Јасно ми е дека нема да биде воопшто лесно, но за мене е битно да бидеме организациски и играчки на посакувано ниво. Во животот не сакам да ветувам големи работи, мојот план е долгорочен и се надевам дека доколку ја имаме вистинската поддршка ќе го реализираме предвиденото.
Нѐ очекуваат тешки натпревари во квалификациите, отвораме со натпревар против БиХ во Зеница. На домашен терен Босанците се секогаш опасни против било кој состав, но тоа е можност да видиме кој е нашиот квалитет во моментов. Србија е топ фаворит во групата, а Романија е селекција со неколкумина натурализирани играчи во составот, но нѐ е на нивото од пред неколку години кога беа навистина силни“, вели Мато Станковиќ.