Митко Стојковски: Сега да го молиме Пандев да продолжи да игра за да одиме на Светско!

Иако веќе поминаа четири дена од епската и историска победа на Македонија во Германија против најтрофејната европска велесила (2-1), не стивнуваат реакциите за триумфот кој никого во Европа не остави рамнодушен, зашто само третпат во историјата Германците загубија еден мундијалски квалификациски меч во скоро 90 години како играат во квалификациски мечеви, почнувајќи од циклусот за СП 1934 година.

Македонија ја остави без зборови цела Европа, селекцијата предводена од Игор Ангеловски е вистински хит, зашто само Португалија во 1985 и Англија во 2001 година досега успеаа да ја победат Германија во еден меч за пласман на СП. И дојде Македонија после две децении да ѝ го нанесе првиот пораз на Германија, која во три циклуси претходно имаше само – три ремија.

Кога ќе се спомене македонската репрезентација, лидер е капитенот и првата ѕвезда Горан Пандев, стрелецот на голот за пласман на ЕП, кој во 37-та година од својот живот стана најстар фудбалер што ѝ дал гол на Германија, а настапот на Евро 2021 му е круна на кариерата. Пандев веќе најави пензија после континенталниот шампионат, но една од македонските легенди Митко Стојковски, членот на првата генерација во македонската репрезентација, сега вели – мора да го молиме Пандев да продолжи да игра за да одиме на Светско.

„Горан најави дека после Европското првенство ќе ја заврши фудбалската кариера. Сега ние мора да го молиме да продолжи да игра, да го молиме да остане во селекцијата, да пробаме да одиме на Светското првенство, па после него, нека оди во пензија. Многу е важен играчки, али пред сѐ како појава во соблекувалната. Има харизма, искуство и што е најважно, квалитет. Тој освои сѐ, желба му беше да направи успех со Македонија. За него можам да зборувам само во суперлативи“, вели Стојковски.

Порнешниот фудбалер на Пелистер, Црвена Звезда, Овиедо и Штутгарт не е прв кој истакнува дека Пандев не треба да оди во пензија. Селекторот Игор Ангеловски уште по историската победа во Тбилиси најави дека се надева дека Пандев ќе го има и за СП, а тренерот на Џенова, Давиде Балардини веќе секоја недела јавно изјавува дека Пандев не смее да оди во пензија.

„Ќе го натепам ако оди во пензија“, прво рече Балардини, па пред неколку дена посочи дека „Горан е млад во главата, физички е добар и дека сѐ уште може да игра на високо ниво“.

Според Стојковски, овој успех на Македонија не е случаен, а еуфоријата е уште поголема после оваа победа со Германија.

„Голема е таа еуфорија. Медиумите, луѓето на улица, по кафулињата..., сите само за ова зборуваат. Да не е коронава и полицискиот час, сигурен сум дека народот ќе излезеше на улица да ги пречека хероите на нацијата. Селекторот Ангеловски направи сјајна тактика, оствари голема победа, најголема за нашиот фудбал. Да се разбереме, Германија и понатаму е прв фаворит за првото место. Сепак, сите веруваме дека можеме барем во бараж, а после тоа и на Мундијалот во Катар“, додава Стојковски.