Милевски: Респект за Белгија, но Македонија уште го живее сонот за СП 2026!

Македонскиот селектор Благоја Милевски верува дека натпреварите против врвни европски селекции како Белгија се од клучно значење за растот и развојот на репрезентацијата.

Утрешниот дуел во Брисел, во рамки на квалификациите за Светското првенство 2026, тој го гледа како уште една важна лекција и можност за напредок.

„Можеби ни недостасуваат ваков тип на натпревари повеќе, но со пласманот во Б сегментот од Лигата на нации ќе ги имаме. Од таа страна сите контролни натпревари кои ги закажувавме беа со таа цел — да се навикнеме на противници како Белгија, кои се на врвот на европскиот фудбал. Само така можеме да напредуваме и да ја оствариме нашата цел, да бидеме на подолг период конкуренти со вакви репрезентации“, изјави Милевски.

Селекторот додаде дека е задоволен од карактерот и посветеноста на своите фудбалери, кои, според него, се навикнати на големи предизвици.

„Момците се тие што имаат големо искуство во репрезентативниот дрес, покажале и во минатото дека имаат квалитет да бидат рамо со рамо со најдобрите во Европа. Имаме пласман на младинско Европско, имаме и на сениорско, но меч како меч не мора да значи ништо. Максимален респект за Белгија, која е главен фаворит во нашата група, но ние си го живееме нашиот сон се уште и се надевам дека ќе останеме конкурентни во овие квалификации“, потенцираше селекторот.

На крајот, Милевски истакна дека чувствува исклучителна чест што работи со оваа генерација.

„Чест ми е што работам со овие момци, секогаш го даваат максимумот, никогаш не се штедат и секогаш се на раб на максимум. Немам друг збор освен дека задоволството е мое што сум нивен селектор“, заклучи Благоја Милевски пред утрешниот натпревар во Брисел.