„Македонија мора да биде горда на овие момци – гинат за светиот дрес!“

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Боби Милевски, по вечерашното реми против Англија (1-1) во Скопје направи анализа не само на оваа средбата туку и на целите квалификации, а искажа свое мислење и за судењето, кое беше оспорено од неговиот колега, Герет Саутгејт.

Првиот човек на жолто-црвените смета дека неговата селекција напредувала дури и паралелно со процесот за подмалдување.

„Прво да кажам дека бе би ги коментирал судиските одлуки. Има ВАР, што ќе одлучат судиите, на нас е да го почитуваме. Овие две и кусур години не само што напредуваме, туку тоа го сторивме заедно со подмладувањето на репрезентацијата. Дојдовме до некој зенит со баражите во плејофот, па извлековме група која не можеше да биде потешка, но тоа што го покажаа момците не можам, а да не бидам задоволен. Македонија мора да биде горда на овие млади момците зашто покажаа како се бори за македонскиот дрес. Да се спротивставиш на репрезентации како Англија, Италија и Украина на ваков начин... И денеска имавме моменти како и со Италија при прекините, но ајде ќе им одбијам на младоста. Пред нас е тешка и сериозна работа за да дојдеме до ниво да бидеме поконкурентни. Далеку сме од Англија и Италија, но не и од Украина, жал ми е што не ни се награди трудот на момците и не освоивме барем три бода против Украинците. Имаме уште многу работа пред нас“, изанализира Милевски.