Македонија ѝ гостува на Летонија: Сѐ освен победа во Рига ќе биде - катастрофа!

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот, стадион „Даугава) во Рига мора да ја победи Летонија во шестиот квалификациски меч во овој циклус за пласман на Евро 2020, за да остане во трката за висок пласман и да се надева дека во следните два месеци може со сензационални резултати да стигне до виза за континенталниот шампионат.

После ремито во Израел, каде црвено-жолтите испуштија два бода, Летонија не би требало да биде проблем за црвено-жолтите, кои се апсолутни фаворити на хартија, но сето тоа ќе мора да го покажат вечерва на теренот и да запишат победа. Летонците одамна се во ужасна серија, 12 меча по ред немаат победа, а речиси две години не се радувале на триумф во официјален меч (квалификации, Лига на нации), па оваа балтичка селекција со катастрофалните резултати во моментов е на ранг на европските „фри-шоп“ селекции против кои се билда гол-разлика.

„За нас ова е многу важем меч, зашто со победа остануваме во игра за висок пласман во овие квалификации. Само ако победиме бодот со Израел би добил на тежина. Очекувам да играме, мотивирано, борбено и на крај да победиме. За мене нашата мотивација е да дојдеме до осум бода со што ќе влеземе во егал-завршница во овој циклус. Летонија ја респектираме, знаеме дека имаа лош меч во Австрија, но понекогаш тоа не мора ништо да значи“, вели селекторот Ангеловски во пресрет на мечот.

Летонија нема селекција од која Македонија може и треба да стравува. Ако се споредуваат фудбалерите, црвено-жолтите за три класи се подобри од балтичките фудбалери, па индивидуалниот квалитет на избраниците на Ангеловски дополнително треба да донесат предност во пресметката со Летонците. Ова посебно важи за средниот ред, кој треба „да ја извојува победата“, нешто што како посебен проблем веќе низ шест меча го посочува Словенецот Славиша Стојанович после секој пораз на Летонија во овие квалификации.

Ангеловски за денешниот меч ќе направи низа измени, па за очекување е со две брзи крила во Александар Трајковски и Иван Тричковски и стабилен среден ред со Барди, Николов и Адеми да се нападне противникот и да се освојат бодовите.

На средина од квалификациите, Македонија има пет бода од пет меча и е претпоследна, Летонија е без бод и со очајна гол-ралзика 1-18, а пред нас се Израел и Словенија со по осум бода, Австрија со девет е втора, а Полска лидер со 12. Покрај нашиот меч денеска во Љубљана, Словенците го дочекуваат Израел, а Австрија ѝ гостува на Полска во дербито на групата.