
Катастрофален викенд за македонските репрезентативци - главните играчи „дремеа“ на клупа
Тоа е и една од причините за слабите резултати на националниот тим бидејќи за некои од репрезентативците, минатонеделните натпревари во Лигата на нации беа први и единствени оваа сезона од чиј почеток помина повеќе од еден месец. Поразително е тоа што најважните фудбалери во репрезентацијата или воопшто не играа или поминаа премногу малку време на теренот, без мал или никаков ефект.
Ако се земе предвид почетната постава од дуелот против Ерменија минатиот вторник, по 90 минути одиграа само Ѓоко Зајков за Универзитатеа Крајова против Поли Јаши (пораз од 0-2) и Исник Алими за Сепси против Ботошани при што тој постигна и гол во победата од 3-0.
Напаѓачкото трио од минатонеделниот дуел не одигра ниедна минута: Елиф Елмас и Бојан Миовски останаа на клупа во дуелите со Унион Берлин и Барселона, а Чурлинов се повреди Ерменија и воопшто не беше во комбинација за Јагиелонија која доживеа дебакл од Лех со 0-5. Во игра не влезе ни Столе Димитриевски кој и натаму во Валенсија е во сенка на Мамардашвили и тешко дека неговиот статус наскоро ќе се промени. Барди одигра само 45 минути за Трабзон против Бешикташ (1-1) и беше асистент за единствениот гол, а Давид Бабунски помина 77 минути на теренот во поразот од Ренџерс со 0-1.
Стефан Ашковски одигра 38 минути за Санлиурфаспор против Сакарија, Висар Муслиу играше девет минути за Падерборн против Минстер, додека Бојан Димоски не влезе во игра за Акрон против Химки. И резервните играчи од дуелот со Ерменија не се прославија, најмногу на терен помина Лирим Ќамили кој играше 83 минути за Сондерјиске против Брондби, Јани Атанасов влезе во последната минута од дуелот на неговата Краковија со Погон, а Тихомир Костадинов одигра 14 минути за Пјаст против Пусча. Трапановски го изигра цел натпревар против Ренџерс, но тој не доби минутажа ни против Фарски Острови, ни против Ерменија откако првпат во неговата кариера беше повикан во националниот тим. Дополнително повиканиот за претходниот циклус, Марио Илиевски, доби половина час во поразот на неговата ЦСКА Софија од Левски (2-4) во меч во кој го постигна вториот погодок во судиското надополнување од натпреварот.
Сето ова не ѝ оди во прилог на репрезентацијата на Македонија која во октомври ја очекуваат два важни дуела во Лигата на нации, против Летонија и Ерменија, но уште повеќе поради претстојните квалификации за Светското првенство кои стартуваат во март. Ова не е само инцидентна ситуација бидејќи, на пример, Елмас оваа сезона нема одиграно ниедна секунда на клупско ниво и единствените настапи ги забележа за репрезентацијата, Миовски има вкупно 96 минути за Жирона на четири натпревари и претходно 90 за Абердин во првото коло од шкотската Премиер лига, а Димитриевски уште не дебитирал за Валенсија. Со играчи кои се далеку од посакуваната форма и од натпреварувачки ритам, не можеме да очекуваме добри резултати во националниот тим, дури ни во Лигата на нации каде ривалите се од петтиот и шестиот ешалон.