КАКОВ СРАМ: Македонија ќе ја гледаме со српски коментар!

Македонската фудбалска репрезентација утревечер (20.45 часот) ќе ја почне својата авантура во Лигата на нации со мечот во Гибралтар, кој ќе биде запаметен како историски прв кој нема да се пренесува на една од македонските национални телевизии, а патем македонската јавност ќе мора да го гледа мечот со – коментар на српски јазик. 

Фудбалскиот меч во Д-дивизијата од стадионот „Викторија“ во Гибралтар ќе се пренесува утревечер на вториот канал на регионалната спортска телевизија Спортклуб, која од поодамна ги откупи телевизиските права за репрезентациите од Балканот.

Уште во минатата година, Македонската телевизија (МТВ) објави дека финансиски не можеле да се трка со Спортклуб за ТВ-правата, па сега првпат јавноста ќе мора да слуша „странски“ коментатор во 90 минути во пресметката на Горан Пандев, Енис Барди, Езгјан Алиоски и останатите избраници против аматерите на Гибралтар.

Досега во историјата ниту еднаш фудбалски меч на македонската селекција не се пренесувал на друга телевизија, освен на македонските телевизии, па сега ова е првпат, кој е уште посрамен поради фактот што нема да го гледаме на македонски јазик.

Засега нема најави дали другите мечеви, почнувајќи од неделната пладневна пресметка со Ерменија (18 часот) во Скопје, ќе има македонски коментатор(и) за мечевите на нашата селекција на регионалниот Спортклуб, но да се надеваме дека во брзо време повторно ќе може македонската јавност да ги гледа преносите на македонски јазик.

Македонија атакува на воведна победа во Д-дивизијата во трката да го освои првото место во групата кое гарантира плејоф за пласман на Евро 2020 и оваа шанса, во која влегуваме како фаворити, јавноста очекува да биде искористена за да се напише нов историски успех.

За Македонија да игра на Евро 2020 потребно е да биде првопласирана во групата во која се уште Ерменија и Лихтенштајн, а потоа во март 2020 година да победи во полуфиналето и финалето против трите други победници од групите во оваа дивизија во Лигата на нации.