Италија ќе биде засилена за Македонија: Спинацола до крајот на месецов се враќа на терените

Италијанската фудбалска репрезентација ќе биде посилна за својот прв лев бек Леонардо Спинацола, членот на Рома, кој до крајот на месецот треба да се врати на терените после седум месеци пауза откако ја скина ахиловата тетива за време на Еуро 2020 и ја пропушти завршницата во Лондон каде „аѕурите“ се крунисаа за европски прваци.

Ако Роберто Манчини пред неколку дена доби шокантна вест со тешката повреда на Федерико Кјеза, кој ги скина лигаментите минатиот викенд, сега го развеселија информаците дека Спинацола многу брзо ќе добие „зелено светло“ од докторите и до крајот на месецот би требало да фати полн ритам, а потоа до втората половина на март да влезе во препознатливата форма за дуелот со Македонија закажан за 24 март во мундијалскиот бараж за пласман на СП во Катар.

Според „Газета дело Спорт“, професорот Орава кој го следеше рехабилитацискиот процес во главната фаза летово после операцијата, наскоро ќе му даде зелено светло на Спинацола за да се врати на тимските тренинзи во Рома, а потоа левиот бек по забрзана постапка ќе треба да ја достигне физичката подготвеност и до крајот на месецов веќе да конкурира за настапи за „волчицата“.