„Гранде Пандев - од детето на Беласица до најдобар македонски фудбалер во историјата“

Доскорешниот македонски капитен Горан Пандев ја заврши кариерата во репрезентативниот дрес, а мечот против Холандија му беше последен меч во националниот дрес.

Екипата на Беласица испрати порака до нивниот поранешен фудбалер и му честиташе за успешната кариера во дресот на македонската репрезентација.

„Од детето на ФК Беласица - до најдобриот македонски фудбалер во историјата!

Вчера, Гранде Горан за последен пат играше во светиот македонски репрезентативен дрес. По две децении, Пандев од репрезентацијата се опрости како рекордер во број на настапи (122), рекордер во број на постигнати голови (38) и како апсолутна легенда, голем капитен и најдобар македонски фудбалер во историјата. Стоечки овации на стадионот „Јохан Кројф“ и поклон до земја од сите македонци и цел свет. Сосема заслужено.

Гоче, ФК Беласица, твојот матичен клуб е гордост твоја, па така догодина, големиот јубилеј од 100 години постоење на клубот да го прославиме заедно, со великанот на македонскиот фудбал!

Честитки за големата и успешна кариера во репрезентативниот дрес!“, беше пораката на Беласица.