ФФМ чека УЕФА да дозволи повеќе билети за македонските навивачи!

Романските власти дадоа дозвола максималниот број на навивачи за натпреварите од Европското првенство во Букурешт да биде зголемен од 25 отсто на 50 отсто од капацитетот на „Националната арена“, но УЕФА засега не дозволува такво нешто.  

Од таборот на Фудбалската федерација на Македонија засега велат дека максималниот капацитет на стадионот во романскиот главен град е максимални 33 отсто, според правилата на УЕФА. 

„Во моментот УЕФА останува на првично одредената бројка од 33% исполнетост на стадионот во Букурешт. Информациите од УЕФА ќе ги споделиме веднаш доколку има промена во однос на тоа прашање. До овој момент останува првичната бројка“, се вели во соопштението од ФФМ.

Македонските навивачи со радост ја дочекаа информацијата дека е зголемен бројот на навивачи за натпреварите со Австрија и Украина, но очигледно до последен момент нема да се знае колку всушност навивачи ќе можат да присуствуваат во Букурешт. 

Според продажбата на билети, Македонија ќе ја бодрат околу 2.000 навивачи во Букурешт. Доколку УЕФА дозволи зголемување на капацитетот, тогаш се очекува Македонците да ги разграбаат дополнителните билети и армијата навивачи во Букурешт дополнително да се зголеми.