Европскиот младински првак гостува на 3 септември во Скопје!

Актуелниот младински европски шампион Шпанија ќе биде првата селекција која ќе гостува во Скопје во пост-корона периодот за младата македонска репрезентација во продолжението на квалификациите за Евро 2021, откако УЕФА веќе го состави комплетниот распоред за доигрување на овој циклус за континеталниот шампионат кој треба да се одржи во Унгарија и Словенија.

Надежите предводени од селекторот Благоја Милевски на стартот на продолжението на квалигикациите после десет месеци пауза ќе се соочат со апсолутниот фаворит од кого во ноември лани загубивме со 0-3 на стадионот на Алкоркон, што е единствениот пораз на оваа генерација во досегашните квалификации.

Ансу Фати, суперталентот на Барселона, Пепелу, Феран Торес се само дел од новата извонредна генерација која ќе дојде најверојатно на тренинг-центарот на ФФМ, каде веќе подолго време младата македонска селекција ги игра мечевите. Според распоредот што УЕФА го состави, а термин нема засега само за нашиот домашен меч со Израел, после пресметката со Шпанија ќе следат две гостувања на Фарските Острови, па во Казахстан, а потоа ќе ја дочекаме Црна Гора и во завршниот дел ќе го играме двомечот со Израел.

Поради пандемијата со коронавирус, токму овој двомеч со Израел требаше да се игра во март, но беше одложен, како и јунското гостување на Фарските Острови.

УЕФА во изминатава недела направи промени за Евро 2021, па Македонија ја чека неверојатно тешка, можеби и невозможна мисија за пласман на континенталниот шампионат, зашто ги укина баражите (сега пласман обезбедуваат сите првопласирани и петте најдобри втори селекции), па за наш пласман веројатно ќе треба стоотстотен ефект од шест победи почнувајќи од пресметката со актуелниот европски шампион.

КОМПЛЕТЕН РАСПОРЕД НА МЛАДАТА СЕЛЕКЦИЈА ЗА ЕВРОКВАЛИФИКАЦИИТЕ

3 септември – Македонија – Шпанија

8 септември – Фарски Острови – МАКЕДОНИЈА

8 октомври – Казахстан – МАКЕДОНИЈА

13 октомври – МАКЕДОНИЈА – Црна Гора

12 ноември – Израел - МАКЕДОНИЈА

14/15/17/18 ноември - МАКЕДОНИЈА – Израел