Елмас: Некогаш ќе дадеш гол во 90. минута, ама некогаш и ќе го примиш!

Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас, изрази жалење што националниот тим не успеа да оствари две победи на стартот од квалификациите за Светското првенство во САД, Канада и Мексико.

Во вечерашниот втор натпревар од првиот квалификациски прозорец, жолто-црвените беа пред триумф против Велс, но примен гол во последните секунди значеше реми (1-1) и загубени два бода.

„Навистина ни е жал, тактички одигравме на високо ниво и покажавме зрелост, но фудбалот е таков – некогаш даваш гол во 90. минута, ама некогаш примаш. Сепак, мораме да останеме фокусирани и да се подготвиме за клучните натпревари во јуни“, изјави Елмас.

Тој истакна дека Македонија покажала дека може да се носи со силни противници, како Велс, чии играчи настапуваат во Премиер лигата.

„Напредуваме, веруваме во себе и секогаш одиме на победа. Така ќе биде и во јуни против Белгија и Казахстан“, додаде македонскиот играч за врска.

Во наредното коло, Македонија повторно ќе игра на домашен терен, овојпат против главниот фаворит во групата – Белгија.