Дејан Илиев: Повредите ми го уништија сонот да (за)играм за првиот тим на Арсенал!

Македонскиот репрезентативен голман Дејан Илиев после една цела деценија зимава ја заврши соработката со лондонскиот премиерлигашки гигант Арсенал, каде замина уште во 2012 година како голем талент, но не доби шанса да (за)игра за првиот тим на „топчиите“ и тоа најмногу поради повредите, а две тешки му земаа 25 месеци од кариерата кога беше во најважната фаза од развојот.

Илиев бранеше за сите младински категории, стигна до вториот тим, беше дури и трет голман на финалето во Лига Европа во Баку во 2019 година, ама за првиот тим не доби шанса да настапи.

„Јас Арсенал го гледав на телевизија и одеднаш добив шанса да бидам дел од тој тим, да соработувам со Арсен Венгер, да разговарам со него, да бидам во друштво на големи ѕвезди. Потписот за Арсенал, минувањето на тинејџерските денови во Лондон, цели 10 години од кариерата, тоа е нешто најубаво што ми се случило. Мојот сон беше да дебитирам за Арсенал, затоа и потпишав со нив, не ми беше целта само да тренирам и да земам плата, тренирав напорно, секој ден, ама не успеав. Бранев на многу мечеви како младинец, имаше многу мечеви, во куповите, други натпреварувања за да добијам шанса, а јас само го чекав моментот, но.. Повредите ми го урнаа сонот“, вели Илиев.

Тој потенцира дека жали што неговата авантура во Лондон заврши, но на сите најубави моменти ќе се сеќава.

„Очигледно е дека сум тажен што завршувам со Арсенал, зашто долго време бев дел од клубот, приврзан сум со клубот, млад дојдов во Лондон, запознам многу луѓе, работев во низа различни тренери, со многу големи играчи, имав шанса да работам со мојот игол Петр Чех и сето тоа се едни прекрасни моменти на кои ќе се сеќавам до крајот на животот. Нема за што да се жалам, правилен беше изборот да дојдам во Арсенал и до последен ден бев среќен во овој клуб. Арсенал е голем клуб, каде не само што се раавив фудбалски, туку пред сѐ човечки. Научив многу различни работи, ама најмногу научив како да ги ценам различните работи во животот“, додава Илиев.

Македонскиот репрезентативец, кој есеноска бранеше за Серед, па предвреме ја заврши полусезоната поради повреда на менискусот во Арсенал замина во 2012 година од струмичка Беласица. Беше дел од златната младинска генерација, но не заигра ниту еднаш поради маките со повреденото колено, а беше дел и од сениорската репрезентација.