„Дали ќе останам селектор сега е во втор план, важно е да сме (нај)добри против Велс!“

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски го објави списокот за натпреварот против Велс, одлучувачки за нас во квалификациите за пласман на СП 2026 во САД, Канада и Мексико, како и за пријателскиот дуел против Летонија во Скопје.

Тој на денешната прес-конференција говореше и за неговиот договор на клупата на националната селекција, кој завршува по мечот во Кардиф.

„Јас сум под договор со ФФМ до крајот на ноември и максимално сум фокусиран единствено на Велс и Летонија и на ништо друго. Сега не е важно дали ќе останам селектор, туку да бидеме најдобри што можеме на овие две средби“, истакна селекторот Милевски.

Тој се осврна и на минутажата на репрезентативците, од кои како што вели е секогаш повеќе од задоволен од се што даваат за македонскиот дрес кога ќе дојдат на репрезентативните собири.

„Пак ќе повторам дека не сум задоволен од минутажата што ја имаат во своите клубови, но не можам да му забележам на ниту еден фудбалер бидејќи имаат серија од 14 меча без пораз во официјални натпревари, секогаш оставајќи го срцето за Македонија. Секој од нив“, заврши предводникот на жолто-црвените.

Македонија дуелот против Летонија ќе го одигра на 13 ноември во Скопје, а пет дена подоцна ќе му гостува на Велс.