Циркузи: Македонија – Косово на есен, а гостувањето за виза за ЕП – догодина?!

После две одложувања на баражите за Евро 2020, кое ќе се игра идното лето (11 јуни-11 јули), поради пандемијата со коронавирусот, УЕФА мака мачи како да го состави новиот календар во кој догрувањето на оваа сезона прави проблеми за нормален старт на следната сезона, а таа поради континенталниот шампионат треба и порано да заври. И на сето тоа, маката да е поголема, баражите не се одиграни, на програма е нова сезона од Лига на нации, а од март идната година и – мундијалски квалификации.

УЕФА ги одложи баражите без конкретен термин. Првиот следен е септември, иако прашање е дали тој термин (3 до 8 септември) би можел да се искористи, ако лигите завршат до крај на август. Но, според некој провизорен веќе подготвен календар, УЕФА имала „неверојатен“ план како да ги добие последните четири учесници на Евро 2020 преку плејофот во Лигата на нации и четирите дивизии.

Ако во претходните два термини, требаше во пет дена да се одиграат полуфиналињата и финалето, сега според новиот календар кој се подготвува можно е тие мечеви да се раздвојат и тоа дури и на неколку месеци. Првиот термин за мечевите беше 26 март и 31 март, но го одложи експлозијата од Ковид-19, а пред три дена и вториот закажан термн 4 и 9 јуни исто така е откажан. Сега, следен е септемврискиот, ама веројатно за баражи нема да се искористи. Се најавуваше и октомври како можен, но последно е дека Македонија – Косово би можело да се игра дури во ноември. А, дотогаш во два месеци со по три меча во две недели да се одигра групната фаза од втората сезона во Лигата на нации.

Но, тоа што е најчудно е што после историскиот меч Македонија – Косово, визата за Евро 2020 нема да се вади пет дена подоцна на гостување кај Грузија или Белорусија, кои играат меѓусебе во второто полуфинале. УЕФА размислувала да ги раздвои овие полуфиналиња и финалиња, па за завршните битки за виза за ЕП да се играат подоцна. Дури и во март 2021 година.

Бидејќи имало време до идното лето, на УЕФА не и се брзало за овој дел од репрезентативните мечеви, туку повеќе да се направи простор за клупските првенства, а да се бараат поинакви термини за репрезентациите. Тоа би значело наместо досегашните десет дена за репрезентација, да се зголемат на 14 дена, а во нив да се одиграат по три рунди. На ваков принцип би се играле и мундијалските квалификации во идната година, за да се добие повеќе на термини, во случајов за Лига на нации наместо три по десет дена, да има два по 14 дена.

Засега УЕФА не сака да се истрча со датуми, зашто ни во Нион, а ниту една земја не знае кога ќе може безбедно да се игра фудбал. Начелно план во централата е првенствата да завршат до 3 август, па да се доигра клупската сезона за три недели, а 15 дена по финалето да почнат квалификациите за ЛШ и Лига Европа, а стартот на новата сезона потоа да почне од средина на октомври и да се укине зимската пауза, а веројатно и да се жртвуваат куповите со цел термините да се пополнат со првенствени мечеви и репрезентативни, а сезоната да заврши до 20 мај.