Билетите за македонските навивачи од денеска пуштени во продажба, а ФФМ – молчи!?

Билетите за македонските навивачи кои сакаат да го гледаат дебито на македонската репрезентација од денеска треба да се пуштени во продажба, како што објави УЕФА на својата интернет-страница за влезници за Евро 2020, ама од ФФМ нема никакво инфо за начинот на купување.

Како што објави УЕФА, а не е посочено колку влезници следуваат за македонските навивачи, билетите се продаваат од денеска (17 мај) до 26 мај до 14 часот, а се продаваат по принцип – прв пријавен, прв услужен.

„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе обезбеди код за порталот за купување влезници за сите навивачи кои претходно ја исконтактирале федерацијата. За повеќе детали контактирајте и испратете мејл на Билјана Велковска. Кодот е валиден само за едно купување“, стои во објавата на УЕФА.

Останува нејасно зошто ФФМ, ако од денеска е почната продажбата на влезници, за чиј број не се знае колкав е, нема ништо објавено како информација за македонските навивачи кои сакат да одат на Евро 2021 во Букурешт или Амстердам.

„Македонските државјани кои ќе ги следат натпреварите на нашата репрезентација во Букурешт ќе можат да влегуваат во Романија со негативен ПЦР тест кој ќе биде валиден за време на целиот престој во Букурешт. Она што беше од суштинско значење за нас - правилото од три /3/ дена, согласно кое при престој во Романија, Македонските државјани требаше да ја напуштат земјата пред истекот на 72 часа, е поништено и веќе не е валидно“, е пораката од прес-службата на ФФМ што вечерва ја испратија.

Но, нема детали како да се стигне до влезница, ниту колку влезници може да се купат, дали одат во пакет за трите меча, или може поединечно.

Македонија дебитира на ЕП на 13 јуни против Австрија во Букурешт, а во романската престолнина ќе игра и со Украина на 17 јуни, додека третиот меч од групата е на 21 јуни со Холандија во Амстердам.