Бејтулаи е голман без ракавици – зицер брани со глава (ВИДЕО)

Стоперот на тетовска Шкендија, Егзон Бејтулаи беше изненадувањето на Игор Ангеловски синоќа во една од двете измини што селекторот ги направи пред стартот на мечот со Словенија, а потегот на крајот му се исплатеше, зашто стоперот успеа да ја запише својата – најдобра одбрана во кариерата.

Бејтулаи во 55-та минута имаше интервенција за паметење, кога со лицето спаси сигурен гол на празната мрежа. Стрелецот на голот за Словенија, Миха Зајц се најде во зицер, но пред голот се испречи главата на Бејтулаи, па за среќа по Македонија топката заврши во корнер. Столе Димитриевски е македонската „единица“ и вчера запиша четири интервенции на мечот со Словенија, но сите останаа во сенка на потегот на стоперот, кој ја имаше главната одбрана пред гол-линијата

Бејтулаи е еден од низата млади фудбалери кои во А-тимот влегоа по историскиот настап со младата репрезентација на Евро 2017 во Полска заедно со Барди, Николов, Елмас, Велковски, Зајков, кои синоќа беа дел од А-тимот.