„Сѐ додека има шанси, не се откажувам од Алиоски, Несторовски и Трајковски!“

Македонскиот селектор Игор Ангеловски ќе ги чека до последен момент неколкуте повредени ѕвезди во националниот тим Егзијан Алиоски, Илија Несторовски и Александар Трајковски за настапите во евроквалификацискиот циклус за пласман на Евро 2020.

Ангеловски денеска го објави списокот од 23 фудбалери, на кој повратници се Марјан Радески и Аријан Адеми, а недостигаат само Стефан Спировски (операција на колено) и Иван Тричковски (повреда на реброто). На списокот се Алиоски, Несторовски, Трајковски, кои се повредени, но Ангеловски вели дека очекува да бидат подготвени и до последен момент ќе ги чека за настапот.

„На списокот на фудбалери се играчи кои долго се во тимот, повратници се Радески и Адеми, кои заздравија и се ставаат во погон. Од 27 мај ќе имаме тренинзи со 17 фудбалери, сооглед дека најголемиот дел од првенствата се завршени, а официјално собирот е на 3 јуни, зашто тоа е ФИФА-термин. На списокот се и фудбалери кои имаат проблеми со повреди, Алиоски имаше операција, Несторовски и Трајковски имаат повреди, но во контакт на нашиот лекарски тим со нив постојат шанси да бидат подготвени за настап и сѐ додека има шанси јас не се откажувам од нив“, вели Ангеловски.

Македонскиот селектор посочи дека постои и Б и Ц-план во случај ако отпаднат трите ѕвезди, но се надева дека до тоа нема да дојде.

„Имаме план Б, план Ц, ако фудбалерите не можат. Но, искрено се надевам дека до тоа нема да дојде. Тие сакаат да играат, а колку имаат желба најдобро говори што Адеми и Алиоски после операциите сами се јавија и изјавија дека сакаат да играат. Тоа само покажува колку сакаат да играат за Македонија и за оваа селекција и колку сето тоа им значи“, додава Ангеловски.

Македонија ја чекаат дуели со Полска на 7 јуни и Австрија на 10 јуни, а Ангеловски не сака да прави математики, најавувајќи дека во фокусот сега е првиот меч со полска и дека очекува неговите избраници да бидат на ниво и да се изборат за позитивен резултат.

„Сконцентрирани сме на Полска, знаеме кој ни доаѓа, со кој состав доаѓаат, но мора да веруваме во себе. Секојпат кога доаѓа фаворит, тоа е посебна мотивација, а ние кога сме во најдобро издание може да победиме секого. Јас само сакам да не одминат повредите и да бидеме подготвени за мечот. Многупати сум кажал дека не е важно каде и против кого играме, туку за што играме. Овие мечеви се едни од најважните во овој циклус. Кога играш против фаворит, добар резултат носи двојно повеќе, зашто таков 'кикс' потоа ќе донесе фаворитот да се вади против директните конкуренти. Најважно е ние да одиграме, а би сакал да се повторат многу такви мечеви од блиското минато и да бидеме на нивото, за на крај да стигнеме до добар резултат“, додава Ангеловски

Полска е фаворит во групата има две победи на стартот, а ги предводат Криштоф Пјонтек и Роберт Левандовски во нападот.

„Најсилно одужје им е големиот индивидуален квалитет, почнувајќи од Левандовски, Пјонтек, па Зиелински и така натака. Но, мислам дека може да се справиме со нив. Ако го наметнеме нашиот стил на игра, а многупати тоа сме го докажале, можеме до добар резултат“, потенцира Ангеловски.