Ангеловски: Ќе биде жално ако не сме трети на крајот!

Македонија загуби вечерва со 1-2 од Австрија во претпоследниот меч од овие европски квалификации, во меч на кој црвено-жолтите беа десеткувани зашто немаа седум фудбалери поради повреда или суспензија, плус капитенот Горан Пандев, кој поради температура не играше, но барем резултатски не се повтори јунскиот пораз со големиот фаворит.

Македонија можеше да биде понижена во првото полувреме, но Австрија потоа се задоволи со водството од 2-0, па на крај имавме доста шанси и дадовме само еден гол. Поразот е безболен зашто Макеоднија останува во игра за третото место кое ќе го брка во вторник против Израел.

„Третото место сите го посакуваме, но по сè што фудбалерите прикажаа во овие квалификации ќе биде жално ако не сме трети. Нè чека меч со Израел кој мора да го добиеме, но на сите маки, Трајковски и Младеновски побараа замени. Пандев не играше по препораката дека е подобро да одмори, за да не се влоши ситуацијата и немаше причина да преземеме толку голем ризик. Сите што добија шанса коректно ја завршија работата. Мислам дека одигравме квалитетен меч, Австрија доминираше во првиот дел, во вториот се одлободивме од притисокот, бевме подобри од противникот, имавме шанси. Влатко Стојановски ја оправда шансата што ја доби, како и сите дебитанти“, рече селекторот Игор Ангеловски по мечот.