Ангеловски ги одбра фудбалерите за Косово – Пандев е на списокот! (ФОТО)
Добра вест за Ангеловски е што на списокот го има Горан Пандев, капитенот на македонската селекција, кој поради карантинот во Џенова по експлозијата на зараза со ковид-19 (17 заразени има во тимот), висеше за настап, но штом се наоѓа на списокот, значи дека ќе може да настапи за Македонија.
Ангеловски избра 23 фудбалери и тоа е стандардниот тим со повратниците Хасани и Костадинов, кои ги прескокнаа септемвриските мечеви, а го нема Дејан Илиев меѓу голманите, зашто младиот чувар на мрежата и понатаму го нема решено статусот за новата сезона и засега тренира само со Арсенал. Божиновски, голманот на Силекс добива шанса, откако и Мартин Богатинов, кој минатиот месец влета на местото на Димитриевски е позитивен на коронавирус.
Македонија по мечот со Косово во четврток на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје (20.45 часот), има уште два меча од втората сезона во Лигата на нации, со Ерменија на гости на 11 октомври (18 часот) и со Грузија во Скопје на 14 октомври (20.45 часот).