Алиоски: За мене постои само Македонија и ниту една друга репрезентација!

Езгијан Алиоски е македонскиот мотор по левата страна, кој ја воодушевува и Англија и Македонија со тоа колку километри едноставно и без проблем ги трча, асистира, дава голови, а во последно време стартна позиција му е – лев бек.

Алиоски е еден од репрезентативците кој игра во извонредна форма и месецов беше еден од хероите за добриот старт на евроквалификациите. Тој ја отвори Летонија за победата со 3-1, асистирше за Енис Барди за гол и реми во Словенија... Дури и швајцарските медиуми сега се прашуваат, како Швајцарија успеала да го загуби „зајакот Дурасел“, а тој сега игра за Македонија.

Алиоски за швајцарските медиуми има едноставен одговор околу прашањето за нашата селекција – за него постои само Македонија!

„За мене постои само една репрезентација и само – Македонија! Ниту една друга селекција. А, дали ме барала Швајцарија? Никогаш и за мене тоа е разбирливо. Јас кога добив повик од Макеоднија играв во Шафхаузен, а Швајцрија имаше одлични играчи на мојата позиција и јас дури подоцна блеснав со Лугано“, вели Алиоски.

Тој на швајцарските медиуми им посочи дека не се чувствува ѕвезда и дека големото заеднштво и обединетоста на македонските репрезентативци сега влијаат на позитивните резултати.

„Младата селекција на Макеоднија до 21 година напиша историја пред две години, а сениорскиот тим многу се смени во овој период и сега навистина сме добри. Сите сме заедно, има големо другарство, заедништво и како група сакаме да ги оствариме целите. Првата беше да сме први во Лига нации и тоа го остваривме. Сега имаме два шанси за да се пласираме на Евро 2020. Имаме многу легионери во селекцијата, јас сум еден од нив и многумина не гледаат како ѕвезди. Ама да ви кажам, јас не се чувствувам ѕвезда. Јас сакам само да помогнам и да бидеме добри и да ја направиме разликата. И тоа засега успешно го правиме“, додава Алиоски.

Во Лидс замина пред две години од Лугано, каде даде 16 гола и имаше 14 асистензии во незаборавната сезона поради која го сврте вниманието на клубовите од големите земји.

„Понуда од Лидс не се одбива. Ама јас сакав да играм во Англија и кога дојде повикот од Лидс не се двоумев. Можеби имало и друг интерес, но не размислував двапати. Без оглед што играм во втора лига, но сега имаме шанса да бидам дел од елитата. Две години сум во Англија, ама уште имам проблем со времето. Но, полека човек се навикнува. Многу тренираме, многу мечеви имаме, па човек заборава дека времето не е секогаш убаво“, додава Алиоски.