Алиоски: Светот вечно ќе ја памети оваа победа на Македонија против Германија!

Македонската сензација во Дуисбург уште долго ќе се памети и ќе се прераскажува, како малата Македонија го победи четирикратниот светски првак Германија (2-1), нанесувајќи ѝ го само третиот пораз во историјата во едни мундијалски квалификации после Португалија во 1985 и Англија во 2001 година.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Левиот бек Езџјан Алиоски, фудбалерот на Лидс, е една од најважните алки во селекцијата, кој после епската победа посочува дека овој триумф вечно ќе се памети не само во Македонија туку и во светот.

„Во Германија отидовме со многу желба, зашто знаевме дека нема што да загубиме, а тоа беше шанса да го покажеме нашиот квалитет. Одигравме одлично тактички и оваа победа долго ќе се памети. Ниту една балканска репрезентација не ја победила Германија, а малата Македонија излезе против четирикратниот светски првак и – победи! Треба да уживаме во оваа победа и јас верувам дека вечно ќе се памети во светот, зашто ја победивме Германија на нејзин терен“, вели Алиоски.

Македонскиот репрезентативец кој е вистински полиглота, зашто зборува италијански, германски, англиски, шпански, македонски и албански посочува дека клуч за успехот е обединетата соблекувална и фактот дека стартниот тим игра во странство.

„Оваа селекција има многу квалитет има многу таленти, стартните 11 играат надвор од Македонија и верувам дека тоа многу ни помогна. Имаме многу самодоверба, веќе пет-шест години сме заедно, а ние не сме колеги во репрезентацијата, туку многу повеќе. Ние сме пријатели едни со други и имаме една обединета група“, додава Алиоски.

Пред Македонија сега е предизвикот наречен деби на Европското првенство, за кое Алиоски вели дека со посебни емоции ќе го играат, а за својот тренер Марсело Биелса, како и многупати досега, посочува дека е човек кај кого напредува секојдневно.

„Рано е сега да зборуваме за Европското, но кога ќе дојде знам дека сите ќе бидеме полни со емоции, дури и еден Пандев, која ја има освоено Лигата на шампионите. Тоа ќе биде чувство какво што досега не сме почувствувале, но ќе играме со голема желба. Ова е прво Европско за Македонија и кој знае кога следен пат, затоа ќе уживаме“, потенцира Алиоски, па за тренерот во Лидс продолжува со само пофални зборови:

„Биелса е многу посебен човек, не сака контакти со фудбалерите, ама е тренер кој многу ве мотивира. Јас со сигурност можам да кажам дека ме направи посилен фудбалер. Секој тренинг учите нешто ново. Тоа е човек кој контролира сѐ, од што јадете до последниот тренинг и ригорозен е. Ако не истрчам 12 километри на меч – ќе си имам проблем(и). Неговата опсесија за работа и за ситните детали го прават посебен. Светски тренер“, заврши Алиоски.