Алиоски: Подобри сме од Романија, Исланд и другите, зошто да не играме на СП?

Македонскиот фудбалски репрезентативец Езгјан Алиоски во интервју за интернет порталот на ФИФА најави дека следната амбиција на нашиот национален тим е пласман на Светското првенство во Катар во 2022 година. 

Иако Македонија прво ја очекува историскиот настап на Европското првенство ова лето, фудбалерот на Лидс веќе размислува за следниот чекор.

„Навистина беше фантастично. Најголемото нешто за нас како тим и како држава беше пласманот на Европското првенство. Тоа беше огромен чекор за Македонија, бидејќи никогаш претходно не сме направиле такво нешто, но постојано верувавме дека можеме. Со тимот што го изградивме изминативе пет - шест години, знаеме дека сме силен и квалитетен тим. Имаме талент и добар микс од искуство и младост, се сплотивме како тим изминативе години, бидејќи составот не се менуваше премногу овие години. Сега заедно го остваривме нашиот сон“, вели Алиоски.

Фудбалерот на Лидс јунајтед е импресиониран од Горан Пандев, неговиот талент, но и неговата скромност. Тој вели дека капитенот секогаш е тука да помогне во било која ситуација како на теренот, така и надвор до него. 

„Понекогаш го погледнувам и не ми се верува дека овој човек има 38 години. Замислете да беше 10 години помлад, можеби ќе ја освоеше 'Златната топка'. Тој е неверојатен играч. Не само поради квалитетот и искуството, тој исто така е фантастична личност. Со начинот на кој се однесува пред сите нас, никогаш нема да помислите дека ја има освоено Лигата на шампиони и уште многу големи работи во кариерата. Не се однесува како ѕвезда, ако имате некој проблем, тој секогаш е тука за вас да помогне. Доаѓа нова генерација, но никогаш нема да има легенда како Пандев во оваа генерација. Тој има дадено толку многу за овој национален тим и за земјата, што сите ние се угледуваме на него. Навистина е прекрасно што конечно ќе може да учествува на еден голем турнир по толку многу години“, додава нашиот репрезентативец.

Следните амбиции за Алиоски се настап на Светското првенство со Македонија.

„Како и секое дете кое расте, така и јас сонував за настап во Лигата на шампиони, Европското првенство или Светското првенство. Сега Лигата на шампиони и Светското првенство се следните мои цели. Откако ја победивме Германија, треба да веруваме дека можеме да дојдеме до таму, според моето мислење ние сме подобри од Романија, Исланд и од другите тимови во групата. Па зошто да не? Пласман на Светското првенство е следниот чекор што Македонија треба да го направи“, истакна левиот бек.

„Ние навистина верувавме дека можеме да ја победиме Германија. Заминавме таму со голем респект, знаејќи дека играме против четирикратени светски првак со играчи кои играат во големи клубови. Тим како нашиот знае да одигра добро против големи репрезентации, веќе имавме едно реми против Италија (1-1), па си рековме, 'Зошто не и против Германија?'. Видовме дека имаат проблеми во играта на некои претходни натпревари, бевме самоуверени дека можеме да извлечеме барем реми. Иако имаа голем посед на топката, немаа премногу удари кон нашиот гол. Игравме добро тактички, се боревме како тим и игравме со карактер и со срце. Верувам дека ја заслуживме победата. Самиот факт што можам да го кажам тоа покажува колку напреднавме сиве овие години. Нашата федерација заслужува честитки, како и нашиот селектор, кој не водеше и постојано веруваше во нас“, изјави Алиоски.

Целото интерјву на Алиоски за ФИФА можете да го прочитате ТУКА.