Во Челси не знаат каде тераат: Се подготвува отказ и за Росениор

По елиминацијата и фудбалската лекција од ПСЖ во осминафиналето на Лигата на шампионите, Челси веќе размислува за промена на тренерската позиција.

Лиам Розениор досега не успеа да ги убеди Тод Боли и челниците на тимот од „Стемфорд Бриџ“ дека тој е вистинската личност за враќање на тимот на врвот, па затоа клубот веќе бара потенцијални замени, објавуваат англиските медиуми. Вчера Челси објави дека стои зад тренерот и дека неговото отпуштање во моментов не е на дневен ред. Сепак, ова би можело многу брзо да се промени до крајот на сезоната, во зависност од игрите на тимот и тоа дали ќе успее да се квалификува за Лигата на шампионите, што е главната цел.

На „Стемфорд Бриџ“ сакаат да бидат подготвени за такво сценарио и веќе разгледуваат неколку опции за можен наследник. Меѓу нив се тројца тренери, од кои двајца се поранешни играчи на „сините“. Првото име на листата е Цеск Фабрегас, добро познат на навивачите на Челзи, Шпанецот одигра 198 натпревари за клубот помеѓу 2014 и 2019 година, а во моментов е на чело на италијанскиот тим Комо, со кого има договор до јуни 2028 година. Фабрегас и Комо се хит не само во Серија А, туку и во европскиот фудбал, а сите се воодушевени од модерниот пристап и играта на калчолигашот.

Другиот кандидат е Филипе Луис. Поранешниот бразилски лев бек го носеше и дресот на Челси во текот на сезоната 2014-15. Тој моментално е без клуб, откако Фламенго го отпушти на почетокот на март поради наводни тајни преговори и тоа токму со Челси.

Конечно, Челси би можел да се сврти и кон менаџер од Премиер лигата кој ќе биде слободен на крајот од сезоната: Оливер Гласнер. Австриецот веќе го објави своето заминување од Кристал Палас и веројатно нема да остане рамнодушен кон интересот на клуб од калибарот на Челси. На Стемфорд Бриџ не е донесена конечна одлука во врска со иднината на Лиам Росениор, но подготовките за евентуален трансфер се очигледно во тек.