Ван Дајк им се налути на соиграчите: Нека се погледнат во огледало, со ваква игра немаме шанса за титулата

Ливерпул доживеа уште еден тежок пораз во борбата за шампионскиот трофеј во Премиер лигата откако синоќа загуби од градскиот ривал Евертон со 0-2.

На четири кола пред крајот на сезоната, „црвените“ заостануваат три бода зад лидерот Арсенал, но потребни им се два кикса на лондонскиот тим бидејќи тој има убедливо подобра гол-разлика што на крајот прави разлика ако две екипи завршат со ист биланс. Искусниот дефанзивец во тимот на Ливерпул, Виргил ван Дајк по натпреварот не го криеше своето разочарување од соиграчите.

„Дали тие навистина сакаат да ја освојат титулата? Ако играте вака цел натпревар и не добивате дуели, немате никакви шанси да станете шампиони. Сите треба да се погледнат во огледало и да бидат свесни како одиграа денеска. Ова е тежок пораз, очигледно мораме многу подобро против екипите кои се борат за опстанок“, изјави Ван Дајк.

Ливерпул и во следното коло има тешко гостување, против Вест Хем во Лондон, а потоа го пречекува Тотнем.