Ужасно и срамно однесување на Карвахал - повредил соиграч на тренинг!

Капитенот на Реал Мадрид, Дани Карвахал, минува низ тежок период и, според шпанските медиуми, е сѐ понервозен поради својата нова улога во тимот, а тоа го покажал и на еден од тренинзите кога бесот го истурил врз помлад соиграч.

Откако на почетокот на јануари доби „зелено светло“ да се врати на терените по операцијата и долгата пауза поради повреда, Карвахал се соочува со реалноста дека повеќе не е прв избор на десната бековска позиција. Тоа очигледно му тешко паѓа.

Дотогаш запиша само неколку минути во Купот на кралот против Албасете и во Лигата на шампионите против Монако. Подоцна одигра половина час против Реал сосиедад, а во минатото коло стартуваше од првата минута на гостувањето во Памплона кај Осасуна. Сепак, Арбелоа го повлече од игра во 64. минута бидејќи тешко се справуваше со Виктор Муњоз. Во меѓувреме, на гостувањето кај Бенфика во првиот натпревар од плејофот за осминафинале во Лигата на шампионите доби само една минута, додека реваншот го проследи целосно од клупата.

Целата ситуација очигледно влијае врз искусниот дефанзивец. Не само поради минималната минутажа во клубот, туку и поради фактот што без настапи ги намалува шансите да се најде на списокот за Светското првенство. Тоа би можел да биде негов последен голем турнир со шпанската репрезентација, а јасно е дека силно посакува да се најде во плановите на селекторот Луис де ла Фуенте.

Тензијата кулминирала и на тренинг во клупскиот камп во Валдебебас. Во една ситуација, Карвахал се судрил со младиот Виктор Валдепењас, а ударот бил толку силен што фудбалерот на Кастиља заработил потешка повреда на коленото и ќе паузира три до четири недели.

Валдепењас важи за еден од клучните играчи на втората екипа на Реал и веќе дебитираше за првиот тим оваа сезона, настапувајќи против Алавес поради отсуствата на Алваро Карерас и Фран Гарсија.