Требаше да биде новиот Зидан, но повредите предвреме го пензионираа

Играчот од средниот ред, Жоан Гуркуф, е близу до заминување во пензија, пишуваат неколку француски медиуми, откако овој фудбалер нема договор од октомври минатата година, кога го напушти тимот на Дижон.

Тој денес наполни 33 години, а регионалниот француски весник „Квест - Франс“ пишува дека фудбалерот, кој неодамна се венчаше со телевизиската водителка Карина Фери, наскоро заминува во пензија.

Инаку, кога ја започна кариерата во Рен, беше најавен како наследник на Зинедин Зидан, а воедно се бираа и посебни зборови за него. Од францускиот тим потоа се пресели во редовите на Милан, каде што не се наметна премногу во одличната генерација која ја предводеше Карло Анчелоти.

Потоа, Милан го испрати на позајмица, а подоцна го продаде во Бордо, каде што беше клучен играч во освојување на титулата и прекин на седумгодишната доминација на Лион во Франција. Но, откако се пресели во екипата на Лион, кој за него плати 22 милиони евра, повредите го фрлија во „провалија“. Се проба уште во неколку клубови, но не успеа, па времето за „одјава“ полека доаѓа.