Трајковски во аут најмалку две недели

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски кој за 180 секунди од влегувањето во игра се повреди на последниот меч за Мајорка викендов, ќе паузира најмалку две недели, до 7 декември, поради повреда на мускулот, најави тренерот на шпанскиот клуб Луис Гарсија.

Трајковски на последниот меч со Спортинг Хихон, кој заврши без голови влезе во игра во 90-та минута и три минути потоа излезе од игра поради повреда. Сега како што посочува Гарсија, македонскиот офанзивен фудбалер го чекаат најмалку две недели пауза.

„Трајковски заедно со Кардона имаат мускулни проблеми. Не знам баш точно колку ќе паузираат, зашто се работи за 'нешто мускулно', но ќе зависи и од периодот што следи, но мислам дека до пресметката со Кастелјон нема да можам да сметам на нив“, рекол Гарсија.

Пресметката на Мајорка и Кастелјон е закажана за 7 декември, па Трајковски сега нема да биде во комбинација за мечевите со Картагена денеска, со Логроњес викендов и со Алмерија на гости идната среда.

Македонскиот репрезентативец кој минатото лето дојде на Балеарските острови после банкротот на Палермо, не добиваше премногу шанса да игра, па многу малку минути помина во Ла Лига, а нешто многу не се изнаигра и во новата сезона во Сегунда откако Мајорка испадна од елитното друштво. Летово се најавуваше дека можеби ќе замине од шпанскиот клуб, но такво нешто не се случи.