Трајковски не мрда од Мајорка, освен ако не дојде нереална понуда што не се одбива!

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски нема да си замине од шпанска Мајорка зимава и покрај најавите на дел од медиумите на Пиринеите, дека повратникот во Ла Лига сака да го откачи офанзивниот фудбалер кој летоска како слободен играч дојде од Палермо по банкротот на сицилијанскиот тим.

Трајковски со Мајорка има четиригодишен договор вреден по 650.000 евра годишно и сега како што објавува порталот „Фудбал Мајорка“, клубот од Балеарските острови не се откажува од услугите на Трајковски, од причина што тренерот Висенте Морено во последно време видел голем напредок кај македонскиот репрезентативец и планира да го задржи во своите редови за да има поголема конкуренција на позициите.

„Во сучајот со Трајковски, тренерот Морено видел напредок и во принцип тој смета на неговите услуги и за вториот дел од сезоната. Секако, ако дојде добра понуда која не се одбива, би можело да се размисли за продажба, но самиот факт дека не е премногу експониран и во фокусот, јасно е дека поизгледно е да остане“, пишува порталот.

Тоа што Трајковски останува веќе извесно во Мајорка не значи дека ќе добие многу поголема минутажа, но на македонскиот репрезентативец е да се обиде да се избори и да се наметне кај Морено, откако тој во последно време му даваше шанса само во мечевите од Купот на Шпанија. Трајковски сезонава во Ла Лига нема ниту еден настап како стартер и на сите досегашни мечеви на кои играше, шансата ја чекаше од клупата за резерви.