Тотнем летово продава двајца стартери

Тотнем има сезона од соништата по пласманот во полуфиналето во Лигата на шампиони, но англиските медиуми веќе почнаа да шпекулираат со промени во составот ова лето. 

Маурисио Покетино е подготвен да продаде двајца фудбалери од првиот тим од кои не е премногу задоволен оваа сезона. Првото и најзвучното име е Кристијан Ериксен. Данецот важи за еден од најдобрите фудбалери од средниот ред во светот, но менаџерот е подготвен да го продаде. Реал Мадрид и Барселона покажаа интерес за Ериксен, но се чини дека во трката влегува и Баерн Минхен. „Баварците“ се подготвени да платат сериозни пари за Данецот, кој треба да биде замена за Хамес Родригез, чиј договор нема да биде откупен од Реал Мадрид, откако летово ќе му истече двегодишната позајмица.

Вториот фудбалер кој Покетино ќе го стави на трансфер-листата е Киран Трипие. Десниот бек блескаше за Англија на Светското првенство во Русија минатата година, но се чини добрата форма ја заборави таму. Сезонава не импресионираше премногу, а ситуацијата сака да ја искористи Манчестер јунајтед. Оле Гунар Солшер бара замена за Антонио Валенсија на позицијата десен бек.