„Тоа што Алиоски го загуби местото стартер може(би) е најава дека не останува во Лидс“

Поранешниот англиски репрезентативен голман Пол Робинсон (41 настап од 2003 до 2007 година), екс-фудбалер на Лидс, Тотнем, Блекбурн и Барнли, за англиските медиуми посочи дека фактот што македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски во последниве мечеви го загуби стартното место кај Марсело Биелса би можело да е најава дека од лето повеќе нема да биде дел од овој англиски премиерлигаш.

Алиоски веќе неколкупати посочи дека сака да остане во Лидс, но иако имаше низа најави дека брзо ќе се заврши новата соработка вредна над пет милиони фунти за следните четири години, барем засега нема таква официјализација, а се појавија шпекулации дека левиот бек веќе се договорил со Галатасарај од лето да се пресели како слободен играч.

И додека Алиоски и Лидс веројатно преговараат, а не се знае до каде се преговорите, дали има напредок или се застанати, сѐ почесто почнуваат да се појавуваат шпекулации за негово заминување, а и коментари на бивши фудбалери кои предвидуваат таков исход штом официјализација на новата соработка ја нема, а веќе поминува и февруари.

„Прво на Алиоски позицијата лев бек не му е ни природна, ниту омилена и самото тоа дека носи десетка на грбот, јасно покажува каков играч е. Но, после неговиот настап со Арсенал, очигледно тие преговори околу новиот договор одат наназад, а Стујарт Далас сега игра на неговата позиција, додека Наил Хадгинс е замената и добро се снаоѓа. И сѐ повеќе сметам дека до крај на сезоната нема да видиме премногу од Алиоски. Ако тимот игра добро, Биелса тимот не го менува, што значи полека ќе се изгради ѕид меѓу првиот тим и Алиоски“, тврди Робинсон.

Тој смета дека во ваква ситуација, ако Алиоски не е стартер, а договорот му истекува на лето, веројатно е дека нема ни да биде продолжена соработката.

„Ако не игра во првиот тим, а единствената опција му е да игра само лев бек, мислам и гледам дека единствено логично решение е дека ќе си замине кога ќе му заврши договорот. Друга опција не гледам“, додава Робинсон.

Неколку други екс-премиерлигашки ѕвезди пред еден месец порачаа дека Лидс се коцка што одолговлекува со новиот договор и ризикува Алиоски да го загуби бесплатно, особено што македонскиот репрезентативец летово ќе игра на Евро 2021, а во моментов според правилата може слободно да преговара и да се договори со друг клуб за трансфер по јуни годинава.

Популарниот Џани досега во сезонава одигра 23 меча и даде два гола, а до минатата недела имаше 17 меча во низа како стартер и само еден на кој одиграл само полуврме (45 минути), а на последните два влезе во игра како резерва. Дали Биелса решил да го одмори Алиоски после напорниот период или Алиоски го загуби стартното место ќе покаже и денешниот меч со Астон Вила од 18.30 часот.

Лидс по 25 меча досега во сезонава е десетти со 35 бода, само пет помалку од првакот Ливерпул кој е шести на табелата.